Skip to content

За нас

Научно стручното списание "ПАТИШТА" го издава Друштвото за Патишта на Република Македонија.

Друштвото за патишта на Република Македонија (ДПМ) е основано во 1967 год., како стручно здружение на градежните инженери од областа на патиштата во Македонија. Со Статутот на ДПМ , е предвидено да се издава списание од областа на патиштата.

Сепак, првиот број на научно стручното списание „ПАТИШТА“ излезе дури во април 2002 год. Списанието беше замислено да излегува во неколку броја во текот на годината, во кое покрај научно стручните трудови, ќе се објавуваат и актуелни новости и информации. Прв Главен и одговорен уредник на списанието беше дипл. град. инж. Насте Спасовски.

Issue No. 1

Во првиот број беа објавени четири научно стручни трудови, воведен збор со тогашниот Министер за Транспорт и Врски во Владата на Република Македонија, како и информации од областа на патиштата. Поради финансиски и организациски недостатоци, во 2004 год. после издадени 9 броја од „ ПАТИШТА “, списанието престанува да се печати. По 16 години пауза, во мај 2019 година, со поддршка на издавачот, претседателот на МАРЕ, проф. д-р Горан Мијоски, продолжи со објавување научното, стручното и информативното списание „ ПАТИШТА “. Денес, ние сме горди што го објавуваме 10-тиот број, со меѓународен уредувачки одбор составен од професори од пет земји.

Генерално, во сите досега издадени броеви од списанието се објавуваат научно стручни трудови, интервјуа со истакнати инженери, професори и авторитети во полето на патиштата. Списанието е специјализирано за областа на патиштата, па така научно стручните трудови највеќе се од областа на патиштата, но се објавуваат и трудови и информации од градежништвото и нему сродни подрачја. Целта на списанието е да се развива научно - стручната мисла во областа на патиштата, со објавување на квалитетни научни трудови.

Во стручно информативниот дел од списанието се објавуваат прилози во кои се презентираат актуелни проекти и градилишта во Македонија и светот, новитети во изградбата, нови технологии и материјали, механизација, организација на конгреси, научно стручни трибини и собири, како во земјата, така и во странство. Истотака, во списанието „Патишта“ како гласило на ДПМ, се објавуваат и вести од активностите на ДПМ. 

Трудовите кои се објавуваат во научно стручното списание ПАТИШТА се рецензирани. Согласно Законот за високо образование на Република Македонија, научно – стручното списание ПАТИШТА има меѓународен уредувачки одбор, составен од професори од повеќе европски држави.

Секој број на списанието се печати во тираж од 1.000 примероци на македонски јазик (апстрактите и на англиски јазик), со што тоа претставува едно од најголемите научно стручни списанија во Република Македонија. Заради поголема меѓународна застапеност и видливост на списанието ПАТИШТА , трудовите се објавуваат и на англиски јазик на интернет страната.

Издавањето на списанието ПАТИШТА е поддржано од:
– Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
– Градежниот факултет во Скопје и
– Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија

mk_MKMacedonian